Лев се радува…, но Германија може да испадне дури и со триумф против Ј. Кореја

Селекторот на Германија, Јоаким Лев не го криеше воодушевувањето од извлечената победа против Шведска со која неговата селекција ги задржа шансите за осминафинале на Светското првенство 2018 во Русија.

„Беше тоа трилер полн со емоции, се до последниот судиски свиреж. Задоволен сум затоа што не ги загубивме нервите, не паничевме откако губевме на полувремето со 0-1. Сочувавме мирна глава и успеавме да доминираме во второто полувреме за заслужена победа“ – истакна Јоаким Лев по синоќешниот натпревар.

Оваа победа ја остава Германија во игра за осминафинале, но бранителот на титулата може да испадне дури и со триумф против Јужна Кореја во последното коло. Доколку Шведска слави против Мексико тогаш сите три екипи ќе имаат по шест бода и ќе одлучува гол-разликата, а потоа бројот на постигнати голови.

Доколку и после тоа во скратена табела со две или три екипи со ист број бодови и иста гол-разлика и ист број постигнати голови не се знае кој оди понатаму, тогаш ќе одлучува фер-плеј и бодоувањето на добиена жолти и црвени картони. Се бодува -1 поен за жолт картон и -3 за црвен, односно втор жолт, -4 поени за директен црвен картон и -5 поени за жолт па потоа директен црвен картон. Ако и после тоа нема одлука се преминува на ждрепка.

На Германците ќе им треба победа против Јужна Кореја од најмалку два гола разлика за малку поголема сигурност, затоа што тогаш ќе се во предност при било каква победа од еден гол-разлика на Швеѓаните против Мексико.

Интересно, може да се случи, без разлика која репрезентација, првпат некој да испадне од група со 6 освоени бода.

Се вчитува...