Лидс му нуди нов договор на Алиоски

Езгијан Алиоски е на добар пат да го продолжи својот престој на „Иланд Роуд“ откако раководството на Лидс реши да му понуди нов договор на македонскиот репрезентативец. Станува збор за играч кој одлично пополнува неколку различни позиции во тимот, а токму неговата универзалност е она поради што Алиоски високо котира кај менаџерот Марсело Биелса.

Македонскиот интернационалец синоќа беше стартер на гостувањето против Астон Вила, играјќи одличен натпревар, што беше доволна препорака за да се даде налог за почеток на преговорите за нов договор. Актуелниот договор на Алиоски со Лидс истекува во јуни 2021 година, но и кај двете страни постои расположение што поскоро да биде најден заеднички јазик и Алиоски да потпише нов долгогодишен договор со овој клуб.

Алиоски е дел од Лидс Јунајтед од 2017 година, кога пристигна на „Иланд Роуд“ од редовите на швајцарскиот прволигаш Лугано и беше меѓу најзаслужните што оваа екипа по долги години пауза обезбеди враќање во Премиер-лигата.

Се вчитува...