Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ја испиша најубавата страница од својата кариера, но и за историјата на македонскиот спорт воопшто, со пласманот во главниот ждреб на најпрестижниот грандслем турнир Вимблдон.
Лина на тој начин се запиша како прва македонска тенисерка во историјата која се изборила за место на главниот турнир на Вимблдон.
Денеска, нашата тенисерка во последното квалификациско коло на доминантен начин славеше против фаворизираната Италијанка Луција Бронзети (127. место на ВТА листата) со максимални 2-0, по сетови 6-1 и 6-2.
По мечот, Лина не го криеше задоволството од пласманот на главниот турнир истакнувајќи дека е горда
„Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историја (мажи и жени) која се избори за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот. Тоа што доаѓам од мала држава не е лесно, околу комплетната логистика, тренинзи, услови, секако и пари. Но, кога си тука даваш 100% за да успееш, па на крај сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја но секако имаме огромно спортско срце“, изјави Ѓорческа, за телевизијата на Вимблдон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
