Лина Ѓорческа преку тајбрејк до титула во Франција

Лина Ѓорческа се закити со нова титула во својата кариера, триумфирајќи на турнирот што во изминатата седмица се одржуваше во Денен, Франција. Откако на патот до финалето не загуби ниту еден сет, Македонката денеска наиде на сериозен отпор од Мари Осака од Јапонија, но успеа да ја совлада и да се закити со нов трофеј.

Првиот сет мина во апсолутна доминација на македонката тенисерка. Ѓорческа експресно поведе со 4-0, по што рутински ја одржа предноста и го доби сетот со 6-2. Лина направи брејк и на самиот старт од вториот сет, но потоа дојде до мало опуштање во нејзината игра, по што Осака успеа да се врати и да израмни на 1-1 во сетови (5-7).

Во решавачкиот сет се водеше израмнета битка, а Ѓорческа пропушти одлична можност при резултат 2-2, кога не искористи неколку шанси за брејк. Двете тенисерки знаеја како да го сочуваат сопствениот сервис, па освојувачот на трофејот беше решен во тајбрејк. Во решавачките моменти се водеше израмнета битка, ниту една од тенисерките не успеа да стигне до два поени предност до 6-6. А потоа, кога беше најважно Лина ги освои следните два поени, триумфираше со 8-6 и се закити со нов трофеј.

Се вчитува...