Литванецот Гаидис – нов центар на Блокотехна

Литвански кошаркар ќе биде дел од македонската прва лига во наредната сезона, откако Блокотехна потпиша договор со центарот Повилас Гаидис, кој ќе биде дел од тимот на Марјан Илиевски во наредниот период.

Центарската позиција е најдефицитарна за речиси сите македонски прволигаши, кои најчесто се решаваат за играчи од странство за битка под обрачите. Откако беше потпишан нов договор со Данило Мијатовиќ, Блокотехна денеска го комплетираше и трансферот на литванскиот интернационалец висок 208 сантиметри.

Станува збор за играч кој настапуваше во НЦАА-лигата, а по враќањето назад во Европа последните три сезони ги мина во Австрија, една во Грац и две во дресот на Гмунден. Покрај Гаидис и Мијатовиќ, Блокотехна го ангажираше и Американецот Браун како странско засилување.

Од домашните играчи, во однос на ланскиот ростер нови договори потпишаа Главчев, Младеновиќ и Цветковски, а тимот беше дополнително засилен со Глигоријевиќ од Охрид и Николиќ од Работнички.

Се вчитува...