Ливерпул ги слави Салах и Бекер, самоубиство на Интер

Ливерпул го мина најтешкиот предизвик за пласман во осминафиналето од ЛШ славејќи со 1-0 против Наполи во мечот што мораше да се добие за место меѓу 16-те најдобри екипи во Европа. Мохамед Салах го постигна единствениот гол пред крајот на првото полувреме, а при водство од 1-0 „црвените“ промашија неколку стопроцентни шанси. Казната можеше да стигне во 92. минута, кога Милик се најде осамен на пет метри од Алисон Бекер, но голманот на Ливерпул го одбрани неговиот удар.

ПСЖ со рутинска игра славеше на гостувањето против Црвена звезда со убедливи 1-4. Раниот гол на Кавани го скрши отпорот на српскиот првак, потоа Нејмар со убав гол зголеми на 0-2, а во вториот дел меѓу стрелците се запишаа и Гобељиќ од домашниот тим и Маркињос и Мбапе од таборот на ПСЖ.

Интер прокоцка идеална шанса да се пласира во осминафиналето откако „нероаѕурите“ одиграа само 1-1 на домашен терен против ПСВ. Екипата на Спалети губеше со 0-1, преку Икарди стигна до гол за израмнување, но и тоа беше недоволно бидејќи Тотенхем во самиот финиш постигна гол за 1-1 на гостувањето против Барселона. Така, Тотенхем и Интер ја завршија групната фаза со ист број на бодови, но „спарси“ како второпласирани одат во осминафиналето поради поголем број на постигнати голови на гостински терен во меѓусебниот дуел (2-1 во Милано, 1-0 во Лондон).

Борусија Дортмунд го прескокна Атлетико Мадрид на првото место во групата А откако „милионерите“ славеа со 0-2 на гостувањето во Монако, додека тимот на Диего Симеоне ремизираше 0-0 против Бриж. Стрелец на двата гола за Борусија на вечерашниот натпревар беше Португалецот Гереиро, кој доби ретка шанса на позиицијата лево крило на местото на Ројс, кој доби заслужен одмор на оваа средба.

Се вчитува...