Ливерпул и Челси во трка, Ван Дајк поднесе барање за трансфер

Вирџил ван Дајк е цврсто решен да си замине од Саутемптон, па холандскиот интернационалец повлече и конкретен чекор – поднесувајќи барање за трансфер до раководството на „светците“. Холанѓанецот неколку месеци беше поврзуван со заминување од Саутемптон, новиот тренер Пелегрино дури и го отстрани од првиот тим оставајќи го да тренира изолирано, но раководството на клубот одбива да го продаде.

Самиот фудбалер стави до знаење дека сака да се пресели во Ливерпул, што е проблем за „светците“ поради нарушените односи со „црвените од Енфилд“ при претходните трансфери на Лалана, Ловрен и Клајн. Ливерпул воедно пред околу еден месец јавно се извини поради „непрофесионалните преговори“ со Ван Дајк, најавувајќи дека се повлекува од трансферот, но „црвените“ се подготвени да платат 45 милиони фунти за да го доведат одличниот дефанзивец на располагање на Јирген Клоп.

Ван Дајк во информацијата до јавноста потврди дека поднел барање за трансфер, потенцирајќи го разочарувањето од односот на управата и невистините кои се ширеле за него во овој период, како наводното одбивање да тренира.

На потег е Саутемптон, со оглед на фактот дека клубовите имаат право и да не го прифатат барањето за трансфер на фудбалерите, иако во случајов тоа е тешко за верување поради тотално нарушените односи меѓу двете страни.

Трката во секој случај ќе биде интересна откако покрај Ливерпул сериозен интерес во последно време искажа и Челси. Шампионот веќе го ангажираше Рудигер како нов дефанзивец, Конте во тимот ги има и Кејхил, Давид Луиз и Азпиликуета, но италијанскиот стратег инсистира и на Ван Дајк, за чии услуги е подготвен да плати 40 милиони фунти.

Се вчитува...