Ливерпул ја доби првата понуда за Шаќири

Џердан Шаќири имаше одличен настап за Швајцарија на ЕВРО 2020, но ставот на Јирген Клоп околу одличниот плејмејкер не е променет. Стратегот на Ливерпул не смета сериозно на овој фудбалер, кој и минатото лето беше ставен на трансфер-листата, но на крајот сепак остана на „Енфилд“.

Овојпат ситуацијата е поинаква, а Ливерпул ја доби и првата понуда за услугите на Шаќири. Италијанскиот клуб Лацио испрати 12 милиони евра за да го доведе Шаќири на „Олимпико“, прва официјална понуда што пристигна до „црвените“ за овој фудбалер. Ливерпул лани бараше 20 милиони евра, сума што ги избрка сите заинтересирани клубови, но овојпат англискиот гигант ќе се задоволи и со пониска отштета, само за да се ослободи од овој фудбалер кој ретко влегуваше и од клупата за резерви, камоли да биде стартер кај Клоп.

„Лацијалите“ се подготвуваат за продажба на Луис Алберто, а во Шаќири гледаат одлична замена за плејмејкерот кој функционираше беспрекорно во римскиот клуб во минатите сезони. Интересно е што Ливерпул ќе заработи и од трансферот на Луис Алберто, бидејќи при продажбата на Шпанецот во Лацио беше внесена и клаузула за 30% од следниот трансфер на овој фудбалер.

Се вчитува...