Ливерпул нема намера да го продаде Ибрахим Конате до крајот на овој преоден рок, без оглед на фактот што Французинот влезе во последните 12 месеци од актуелниот договор со актуелниот англиски првак.
Медиумите на „островот“ најавија дека Конате би можел да го следи примерот на Трент Александер Арнолд, да чека да истече договорот со Ливерпул и потоа како слободен играч да се пресели во Реал Мадрид. „Кралевите“ не кријат дека се заинтересирани за францускиот дефанзивец, но понудија само 25 милиони евра, сума што Ливерпул ја оцени како смешна и целосно ги прекина преговорите.
Фокус на „црвените“ сега ќе биде ставен на преговорите со самиот Конате, во обид да се продолжи соработката и тој да потпише нов петгодишен договор со клубот. Французинот неколку пати повторува дека сака да остане на „Енфилд“, но извори блиски до клубот тврдат дека барал двојно повисока плата од онаа што ја зема по трансферот од Лајпциг.
Се најавува дека Ливерпул до крајот на месецот ќе испрати нова, побогата понуда, се со цел што поскоро да биде најден заеднички јазик и во новата сезона да не се влезе во трансфер-сага како онаа што лани беше случај со Александер Арнолд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

