Навивачите на Ливерпул имаат причина да бидат еуфорични летово, откако нивниот клуб по освоената титула се реши да урива сопствени рекорди на пазарот.
„Црвените“ веќе потрошија 150 милиони фунти за тандемот на Баер Леверкузен, Фримпонг – Вирц, но гигантот од „Енфилд“ не планира да застане, па во меѓувреме договори уште еден голем трансфер. Станува збор за левиот бек Милош Керкез, кој ќе биде третото големо засилување за тимот на Арне Слот откако конечно беше пронајден заеднички јазик со Борнмут околу висината на овој трансфер.
Борнмут на крајот ја прифати понудата од почетни 40 милиони фунти за унгарскиот репрезентативец, кој речиси сигурно ќе биде прва опција на лев бек во новата сезона. Трансферот на Керкез ќе значи и речиси сигурно заминување на Енди Робертсон, кој моментно е најблиску до преселба во Атлетико Мадрид.
Ливерпул по продажбата на Кванса во Леверкузен ќе се насочи и кон нов дефанзивец, а приоритет ќе биде Гуехи од Кристал Палас. Арне Слот бара и нов напаѓач и главна желба му е Александар Исак од Њукасл, но за поконкретни преговори се чека „црвените“ најпрвин да ги продадат Дарвин Нуњез и Харви Елиот за да обезбедат доволно средства во буџетот за да тргнат во офанзива по шведскиот голгетер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА