Ливерпул по Вернер, ќе остане и без Тијаго?

Предолгото тактизирање во преговорите би можело скапо да го чини Ливерпул летово, откако се појави сериозна опасност по Тимо Вернер „црвените“ да останат и без ангажман на Тијаго Алкантара.

Шпанецот објави дека ќе си замине од Баерн, баварскиот гигант бара 30 милиони евра за неговиот трансфер, но „црвените“ тактизираа во разговорите со цел да ја намалат дополнително сумата. Сепак, плановите сериозно им се нарушија откако ПСЖ реши да се вклучи во трката по шпанскиот плејмејкер, испраќајќи понуда „многу блиска“ до сумата што Баерн ја бара за овој фудбалер.

Француските медиуми јавуваат за оптимизам во таборот на „светците“ дека трансферот би можел да биде договорен во следните неколку дена. На потег сега се челниците на Ливерпул, кои имаат постигнато начелен договор со фудбалерот, но тоа беше случај и со Тимо Вернер, кој по честите одолговлекувања на крајот се реши да се пресели во Челси.

Клоп оствари неверојатен подвиг осигурувајќи ја титулата иако минатото лето не ангажираше ниту едно единствено засилување, но јасно е дека на „црвените“ ќе им биде потребно освежување на играчкиот кадар за да ја одбранат титулата, во ситуација кога сите ривали трошат значително суми на засилувања од самиот почеток на овој преоден рок.

Се вчитува...