Ливерпул продава голман во Лестер за 12 милиони фунти

Доаѓањето на Алисон Бекер ја зголеми конкуренцијата на голманската позиција во Ливерпул, па Јирген Клоп експресно договори заминување од „Енфилд“ на еден од чуварите на мрежата што ги имаше на располагање. Не станува збор ниту за Кариус ниту за Мињоле, туку за Дени Ворд, кој ќе ја продолжи својата кариера во тимот на Лестер со трансфер вреден 12 милиони фунти.

Ворд никогаш не доби шанса на голот на „црвените“, но станува збор за квалитетен голман кој бранеше во добра форма во клубовите во кои беше испраќан на позајмица, а пред две сезони го предводеше Хадерсфилд при влезот во Премиер-лигата. Велшанецот се надеваше на шанса сезонава, по очајната форма на Лорис Кариус, но во ситуација кога Алисон Бекер е договорен самиот Ворд инсистираше на перманентен трансфер, а не на нова позајмица.

Лестер се согласи да плати 12 милиони фунти (десет милиони при самиот трансфер, два преку неколку клаузули) за да го доведе велшкиот чувар на мрежата на својот гол, за дополнително засилување на конкуренцијата крај Каспер Шмајхел.

Клоп до крајот на преодниот рок ќе продаде уште еден голман, а многу поголема е веројатноста дека ќе си замине Симон Мињоле, кој вреди повеќе на фудбалскиот пазар, отколку Кариус.

Се вчитува...