Ливерпул се „тресе“ – кој е сигурен, а кој „виси“ во ЛШ

Денеска и утре се играат последните натпревари од групната фаза во Лигата на шампиони, по што и дефинитивно ќе биде познато кои екипи ќе се најдат во осминафиналето од ЛШ, кои ќе продолжат во Лигата на Европа, а кои осум тима ќе ја завршат својата европска авантура. Досега со виза за Топ 16 во Европа се Барселона, Баерн Минхен, Јувентус, Лајпциг, Манчестер Сити, ПСЖ, Реал Мадрид и Тотенхем, а по вечерашните средби ќе бидат разрешени сите детали во првите четири групи.

ГРУПА Е (Салцбург – Ливерпул, Наполи – Генк)

Ливерпул е првопласиран со 10 бода, пред Наполи со девет, Салцбург со седум и Генк без ниту еден бод.

Ливерпул оди понатаму доколку не загуби во Салцбург, или доколку Наполи загуби од Генк.

Наполи се пласира во осминафинале со најмалку еден бод од мечот со Генк, или ако Салцбург не триумфира над Ливерпул.

Салцбург оди во осминафинале ако го победи Ливерпул и ако Наполи не го победи Генк. Ако Наполи слави на својот меч, Салцбург ќе треба да триумфира со подобар резултат од оние 4-3 со кои Ливерпул победи на првиот меч на „Енфилд“.

ГРУПА Ф (Интер – Барселона, Борусија Д. – Славија П.)

Барса е сигурно првопласирана со 11 бода, пред Интер и Борусија со по седум и Славија Прага, која е без шанси со само два освоени бода.

Интер со победа над Барселона е сигурно втор. Доколку Интер и Борусија завршат со ист број бодови, „нероаѕурите“ се во предност поради подобрата гол-разлика во меѓусебните дуели.

Борусија Дортмунд се пласира во следната рунда само доколку вечерва освои повеќе бодови од Интер.

ГРУПА Г (Лион – Лајпциг, Бенфика – Зенит)

Лајпциг е прв на табелата со 10 бода, по седум имаат Зенит и Лион, додека Бенфика со четири бода е без шанси за влез во осминафиналето.

Лајпциг е веќе пласиран во осминафиналето, но германскиот тим мора да освои барем еден бод во Лион за да се задржи на првото место во групата.

Зенит оди во следната фаза доколку и по ова коло остане со ист број бодови како Лион, поради подобриот скор во меѓусебниот дуел со францускиот тим.

Лион ќе биде во осминафиналето ако го победи Лајпциг (тогаш ќе заврши на првото место), а може да стигне до второто место со реми вечерва, но доколку Зенит на вториот меч загуби од Бенфика.

Бенфика има шанси само за третото место и влез во Лигата на Европа. За тоа да се случи ќе треба триумф над Зенит и пораз на Лион од Лајпциг. Ако Лион не загуби, Бенфика ќе треба да слави со подобар резултат од 3-1, пораз што Португалците го претрпеа на првиот меч со рускиот тим.

ГРУПА Х (Ајакс – Валенсија, Челси – Лил)

Ајакс влегува како лидер во последното коло со 10 бода, по два помалку имаат Валенсија и Челси, додека Лил досега освои само еден бод.

Ајакс со победа е сигурно прв во групата. Во случај на реми и триумф на Челси над Лил, холандскиот тим ќе биде второпласиран. Ланскиот полуфиналист може да испадне ако загуби од Валенсија и доколку Челси слави над Лил.

Валенсија со победа над Ајакс ќе биде првопласирана во групата. Шпанскиот тим мора да остане во најмала рака со ист број бодови како Челси, бидејќи во тој случај е во предност поради подобриот скор во меѓусебните дуели.

Челси се пласира во осминафиналето ако го победи Лил, или доколку ремизираа, но тогаш на тимот на Лампард ќе му биде неопходно Ајакс да слави на дуелот со Валенсија.

Се вчитува...