Ливерпул си обезбеди 5-2, ама сега Рома ќе си игра дома…(ВИДЕО)

Ливерпул ја совлада Рома со 5-2 во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите што се одигра вечерва на „Енфилд роуд“. Англискиот тим имаше фантастични 5-0, но попушти во финишот, па „волчицата“ гризна двапати и сега сепак ќе има надежи дека може да стигне до финалето во Киев. Сега Рома ќе треба да игра дома…

Фантастичен натпревар се одигра на „Енфилд роуд“. Коларов прв се закани и ја погоди гредата во 17.минута, откако Кариус успеа да ја одбрани неговата „бомба“, а потоа Садио Мане не реализираше две одлични шанси за Ливерпул.

Во 36.минута, Мохамед Салах му покажа како треба. Со прецизен удар од 15 метри, откосо од десната страна, погоди во спротивниот горен агол, за водство од 1-0. Пред самиот крај на првиот дел, уште еднаш побегна и го надмудри Алисон, за 2-0.

Во вториот дел, Салах се одлучи да асистира. Во 56.минута, го проигра Садио Мане за трет гол за англискиот тим, а пет минути подоцна го пронајде и Роберто Фирмино, и на семафорот беше 4-0. Истиот играч. Фирмино постигна уште еден гол, по корнерот од десната страна во 69.минута за неверојатни 5-0.

Но, Рома како да го преживеа нокаутот. Един Џеко во 81.минута постигна гол за надеж, а четири минути подоцна беше досуден пенал за италијанскиот тим. Го реализираше Диего Пероти за 5-2. Рома имаше три гола негатива и со Барселона по првиот меч, па Меси и компанија си знаат…

Се вчитува...