Ливерпул со празни раце: Сити тргна по Марк Гехи

Ливерпул предолго флертува и преговара со Марк Гехи, но големи се шансите „црвените“ целосно да извисат во трката по капитенот на Кристал Палас откако Манчестер Сити реши да се вклучи со јануарска понуда за дефанзивецот.

Гвардиола не беше премногу загреан за Гехи, но ситуацијата се промени откако на последниот дуел со Челси најпрвин потешка повреда заработи Јошко Гвардиол (пауза од најмалку четири месеци), а потоа во финишот се повреди и Рубен Дијаз.

„Проблемите се големи, Гвардиол очигледно ќе паузира подолг период, а ќе мораме да се снаоѓаме и без Дијаз. Го имаме Аке во тимот, но сите знаат дека тој не може да врзе неколку средби во серија. Имаме проблеми, ќе мораме да се снаоѓаме“, прокоментира Гвардиола по ремито со Челси.

Последните информации говорат дека „сино-белите“ од денеска се активирале во трката по Гехи, изразувајќи подготвеност да платат отштета од 15 милиони фунти за фудбалерот кој ќе биде слободен за трансфер во јуни. Палас е подготвен да ја прифати понудата, а останува да се види реакцијата на Ливерпул, дали актуелниот англиски првак ќе се вклучи во трката и ќе испрати понуда за јануарски трансфер или ќе се сврти кон други опции на пазарот за следното лето.

Се вчитува...