Ливерпул убедлив против Кардиф, за скок на првото место во Премиер – лигата

Ливерпул го совлада Кардиф со 4-1 на домашен терен и се искачи на првото место на табелата во Премиер – лигата со 26 бода, три повеќе од Манчестер сити, кој во понеделник ќе го игра мечот од тековното коло, на гости против Тотенхем.

Мохамед Салах во десеттата минута ги доведе „црвените“ во водство, а Садио Мане во вториот дел зголеми на 2-о. Но, Кардиф успеа да постигна погодок за надеж преку Калум Патерсон во 77.минута. Тоа е прв гол што Ливерпул го прими на домашен терен од 24 февруари во Премиер – лигата. Но, Џердан Шаќири во 84.минута сепак ги разреши дилемите околу победникот на „Енфилд Роуд“, а Садио Мане го докрајчи противникот.

Ватфорд беше убедлив против Хадерсфилд и славеше со 3-0, а три бода освои и Брајтон со триумфот од 1-0 против Вулверхемптон. Бурнемаут на гости го декласира Фулам со 0-3.

Резултати Англија: Ливерпул – Кардиф 4-1, Брајтон – Вулверхемптон 1-0, Фулам – Бурнемаут 0-3, Саутемптон – Њукасл 0-0, Ватфорд – Хадерсфилд 3-0.

Се вчитува...