Ливингстон го реши МЗТ Скопје за „мајсторка“ во четвртфиналето

Куманово го одбрани домашниот терен во вториот четвртфинален натпревар против МЗТ Скопје откако славеше со 99-95, со што „сино-белите“ закажаа „мајсторка“ во четвртфиналната серија. Кумановци денеска беа на врвот на својата задача во нападот, постигнаа 10 тројки од 22 обиди, а една од нив беше и онаа на Отис Ливингстон на 27 секунди пред крајот со што беше решен победникот на денешниот меч.

Двата тима го отворија натпреварот во одлично темпо, а по 10. минути игра на семафорот стоеше предност од 31-29 за Куманово. До крајот на полувремето опадна високиот ритам, но не и мотивацијата кај домаќините кои покажаа голема борбеност на теренот. Кумановци имаа и двоцифрена предност (46-36) на три и пол минути до крајот на првото полувреме, но МЗТ Скопје ги консолидираше своите редови и на паузата замина со негатива од 52-46.

Изедначениот натпревар продолжи и во вториот дел од натпреварот. МЗТ Скопје на момент стигна и до предност од 62-65, но Куманово возврати со серија на тројки за ново водство по 30. минути игра (75-71). МЗТ Скопје на крилјата на Крстевски повторно се врати во мечот (88-88) на неполни две минути до крајот, а натпреварот го реши Отис Ливингстон со тројка на 27 секунди до крајот за недостижни 96-92.

Отис Ливингстон беше незапирлив кај домаќините со 24 поени и 9 асистенции, додека по 17 поени додадоа Андрејевиќ и Џекиќ. Центарот натпреварот го заврши и со 7 скока, додека крилото додаде 5 скока. Дамјан Стојановски беше првото име во редвоите на МЗТ Скопје со 24 поени, 15 поени забележа Олуџоби, додека еден помалцу уфрли Бојан Крстевски.

„Мајсторката“ помеѓу овие два тима која ќе биде одиграна во недела ќе го даде и последниот патник во полуфиналето од натпреварувањето каде подобриот од „сино-белите“ тимови силите ќе си ги одмери со Пелистер.

Се вчитува...