Лохте: Ги продавав медалите од ОИ, едвај останав жив, се дрогирав…

Рајан Лохте своевремено важеше за огромна ѕвезда на американското и на светското пливање, откако успеа да освои 12 олимписки медали (шест златни, три сребрени и три бронзени) и на вечната листа на лауреати се наоѓа само зад Мајкл Фелпс, Кејти Ледецки и Ем Мекион.

Сепак, животот на легендата не се одвиваше како бајка, туку напротив, се претвори во кошмар, па Лохте кој сега има 41 година не крие дека веќе продал девет од 12-те медали што ги освоил на олимпијадите.

„Имам долгови за неплатен данок, но не ги продадов медалите поради тоа. Едноставно, чувствував дека повеќе не ми требаат. Тоа беше еден дел од животот што е завршен за мене и решив да продадам се што ме потсетува на него“, открива Лохте во разговор за „Њујорк пост“, обелоденувајќи и дека заработил околу 550.000 долари од продажбата на медалите.

Неговата кариера тргна во надолна линија по скандалот на ОИ во Рио, кога Лохте со уште неколку американски пливачи се пожали дека бил ограбен на бензинска пумпа во Бразил, но истрагата покажала дека Американците најпрвин ја демолирале пумпата, а потоа им платил на вработените за да го прикријат тоа. Следеше јавно извинување од Рајан, но потоа и повлекување на неколку моќни спонзори по што неговата кариера почна вртоглаво да се движи во надолна линија.

Во 2023 година тој едвај остана жив во тешка сообраќајна несреќа, а во најтешките моменти, тој почнал и да користи недозволени супстанци.

„Како да живеев во пекол, а дрогата ја користев за да побегнам од таа реалност. Најчесто користев марихуана и кокаин. Беше ужасно, сега кога ќе се навратам не можам да разберам што мислев кога го правев тоа“, коментира 41-годишниот Американец.

За крај, тој гордо истакнува дека успеал да го врати животот во посакуваниот колосек. По ланскиот развод сега има нова партнерка, а неодамна се вработил и како помошен тренер во пливачкиот тим на универзитетот Мисури.

Се вчитува...