ЛОИ – РАКОМЕТ: Франција преку лесен тренинг со Бахреин до полуфинале, Шпанија ја доби „битката“ против незгодната Шведска

Ракометарите на Франција ја победија репрезентацијата на Бахреин во четвртфиналето на Олимписките игри со 42-28 (21-14), а за место во големото финале ќе се борат против подобриот тим од дуелот Германија – Египет.

Бахреин со многу среќа стигна до четвртфиналето, ја зграпчи последната карта, во последното коло од групната фаза, бидејќи Јапонија ја победи Португалија, но немаше шанси против Франција.

Објективно, квалитетот на француската селекција доминираше од првата до последната минута, за конечен резултат од 42-28. Најефикасни во составот на Франција беа Кентин Меј со девет, Николас Турнат и Дика Мем со по пет, и Недим Ремили и Мелвин Ричардсон со по четири постигнати гола.

Во вториот ракометен натпревар одигран утринава, Шпанија во тежок дуел успеа да слави победа над Шведска со вкупен резултат од 33-34, а за место во финале ќе се борат против подобриот тим од дуелот Данска – Норвешка.

Најефикасни во селекцијата на Шпанија беа Абело Гомез со осум, Алекс Душебаев со шест и Раул Ентрериос со пет гола, додека во шведскиот табор одличен натпревар одиграа Ване со осум и Петерсон и Готфридсон со по шест гола.

Во другите четвртфинални натпревари силите ќе ги одмерат: Германија – Египет и Данска – Норвешка.

 

 

 

Се вчитува...