Лојалноста на Мегвајер вреди 20 милиони фунти

Хари Мегвајер беше едно од откровенијата на последното СП во Русија, по што за дефанзивецот на Лестер понуди подготвија неколку врвни клубови. Најконкретен беше Манчестер јунајтед, но „лисиците“ не отстапија од ставот дека нивниот клучен дефанзивец не е за проджаба. Мегвајер и самиот покажа лојалност не инсистирајќи на трансфер, а раководството на Лестер покажа дека знае како да го награди овој фудбалер.

Англискиот репрезентативец денеска и официјално потпиша нов договор со кој ќе остане уште долго во дресот на „лисиците“. Со овој потпис Мегвајер добива и двојно повисока плата, од 40.000 на 80.000 фунти неделно, а севкупната вредност на новиот договор ја надминува сумата од 20 милиони фунти.

Манчестер јунајтед летово понуди 40 милиони фунти, што беше недоволно за да дојде до Мегвајер. Сега кога е потпишан нов договор се очекува Лестер уште повеќе да ја крене цената што изнесуваше 65 милиони фунти, што би требало да биде доволно за англискиот ас уште долго време да не ги менува клупските бои.

Се вчитува...