Лондонска војна без победник, црвен картон за Давид Луиз

Лондонското дерби во рамките од петтото коло во Премиер-лигата меѓу Челси и Арсенал не ги оправда очекувањата, завршувајќи со најнепопуларниот резултат 0-0.

Челси влезе како благ фаворит во мечот, но актуелниот првак не ја оправда таа улога. Еден Азар повторно стартуваше на клупата, а без својот најдобар фудбалер „сините“ во најголем дел од мечот и покрај поголемиот посед на топката сепак делуваа безопасно кон голот на гостите. Педро ја пропушти најубавата шанса за Челси кога шутираше од идеална ситуација во Петр Чех, а најдобрата можност за гол во првиот дел ја пропушти Лаказет, кој од неколку метри биеше непрецизно по одбиената топка, откако обидот на Рамзи заврши во дирекот.

Во вториот дел Венгер го уфрли Алексис Санчез, нешто подоцна на теренот влезе и Азар, но се што беше интересно беше поништениот погодок на Мустафи, како и црвениот картон што заслужено во самата завршница го доби Давид Луиз.

Се вчитува...