Лопетеги го бара Родриго, Флорентино уште се мисли

Напаѓачот на Валенсија, Родриго, би можел да биде решение за голгетерскиот проблем на Реал Мадрид, но Флорентино Перез се уште размислува дали да испрати понуда за овој шпански репрезентативец. Новиот тренер Лопетеги очајно бара нов голгетер како замена за Кристијано Роналдо, верувајќи дека Родриго може да одговори на овој предизвик. Тој има работено со асот на Валенсија и во младинската и во сениорската репрезентација на Шпанија, па сега е убеден дека може да го извлече максимумот од него и на клупско ниво.

Без оглед на лесната победа над Хетафе, и повеќе од очигледно е дека на Реал Мадрид ќе му бидат неопходни засилувања доколку „кралевите“ сакаат да атакуваат на трофеи во сите натпреварувања во кои ќе учествуваат. Навалната линија е главен проблем, свесен за тоа е и тренерот Лопетеги, откако „кралскиот клуб“ пред две сезони остана без Мората и Хамес Родригез, за кои не беа доведени адекватни засилувања, а летово си замина и најдобриот фудбалер на Реал, Кристијано Роналдо. Тотално неочекувано, Флорентино Перез на десет дена пред крајот на преодниот рок не донесе замена за Португалецот, оставајќи го Лопетеги со Бензема како единствен напаѓач, помогнат од Бејл и Асенсио, без премногу вистински резервни опции на клупата.

Проблем во секој случај е висината на трансферот, се шпекулираше за сума од 70 милиони, но од Валенсија експресно порачаа дека ако некој го сака Родриго ќе мора да ја плати неговата клаузула од 120 милиони евра. Превисока сума, но „кралевите“ веќе се наоѓаат во небрано. А проблем е што и доколку Флорентино реши да не купи нов играч, потоа цената нема да ја плати тој, туку тренерот кој прв ќе се најде на удар и во опасност од отказ.

Се вчитува...