ЛШ како судбина: Адеми со „чист образ“ во нови битки со „кремот на Европа“

Пред четири години важеше за „играч за голем клуб“, со Динамо Загреб го победи Арсенал во Лигата на шампионите и беше само прашање кој европски гигант ќе го избере за следна дестинација во кариерата. A тогаш – шок… УЕФА објави дека македонскиот репрезентативец бил позитивен на допинг-тест, а нешто подоцна го суспендираше на неверојатни четири години. Адеми се бореше, докажа дека правдата е на негова страна, но бидејќи европската куќа на фудбалот нема навика да си ги признава грешките казната му беше само преполовена.

Тој се врати на терените во октомври 2017 година, набрзо влезе во посакуваната форма, а улогата на лидер ја презеде природно, поради беспрекорниот карактер и професионализам што го покажува.

„Никој не би го направил за никого она што го стори Динамо за мене. Стоеше зад мене во целиот процес, веруваше во мојата невиност и на крајот ја докажавме. Затоа, сега сакам да останам и повторно да играм со мојот клуб во Лигата на шампионите“ – истакна Адеми пред повеќе од една година.

И додека многу фудбалери на ваквите изјави забораваат при првата милионска понуда, за Адеми лојалноста е пред се, па зборовите ги претвори во дела. Уште пред една година одбиваше бројни понуди, играше со Динамо во Лигата на Европа, со надеж дека ќе му се исполни желбата повторно да биде дел од ЛШ со хрватскиот првак.

A сонот стана стварност синоќа, со ремито во Трондхајм, па јасно е зошто во целата еуфорија во таборот на Динамо меѓу најсреќните беше токму тој – капитенот што добива шанса повторно да заигра со „кремот на Европа“.

Се вчитува...