ЛШ почнува од Финска, сите го сонуваат тронот на Вардар

Со денешниот натпревар меѓу Кокс и Савехоф и официјално ќе биде означен стартот на новата сезона во Лигата на шампионите, во кој Вардар ќе ја има улогата на бранител на трофејот. „Црвено-црните“ приредија сензација откако лани стигнаа до втората титула во ЛШ во последните три години, а сега пред нив е нов голем предизвик – да станат прва екипа по воведувањето на Ф4 турнирите што ќе успее да ја одбрани круната во „Ланксес арена“ во Келн.

Кандидати за трофејот има многу, вицешампионот Веспрем кој сонува за прва европска круна исто како и ПСЖ, Барселона засилена со Лука Циндриќ, екс-првакот Кил, полскиот Кјелце… Предизвикот е огромен, уште повеќе ако се знае дека „црвено-црните“ летово останаа без Карачиќ, Мораеш, Милосављев… Сепак, ако има клуб што знае како да се справи со „ремонт“, тоа дефинитивно е скопскиот гигант кој и со значително променет состав знае како се победуваат ривалите од кремот на европскиот ракомет. „Вардарци“ новата сезона ја стартуваат в сабота, со гостување против Монпелје, идентично отворање како и ланската година што беше крунисана со втора европска круна.

Своето деби во елитното европско натпреварување сезонава ќе го има Работник, амбициозниот проект од Битола предводен од екс-репрезентативецот Стевче Алушовски. Битолчани лани настапуваа во Купот на ЕХФ, а сезонава ќе бидат дел од „послабите групи“ во ЛШ, каде за противници ќе ги имаат Кокс, Савехоф, Спортинг Лисабон, Бидасоа и Татран Прешов. Работник во првото коло од Лигата на шампионите в недела ќе го пречека тимот на Спортинг Лисабон.

Се вчитува...