ЛШ: Сензација во Париз, прва радост за Митревски со Порто

Фленсбург приреди огромно изненадување во второто коло од Лигата на Шампионите, на гостински терен совладувајќи го ПСЖ со минимални 28-29. Германскиот тим се мачи со повреди, но и со променет состав успеа да го земе скалпот на големиот фаворит, создавајќи му главоболки на Раул Гонзалес по премиерниот меч на ПСЖ во елитното европско натпреварување. „Светците“ прокоцкаа предност од пет гола, Фленсбург одигра фуриозно во последните петнаесетина минути и на крајот заслужено стигна до победата.

Ване со шест гола беше најефикасен во победничкиот тим, додека на спротивната страна пет погодоци постигна Лука Карабатиќ. Даинис Криштопанс дебитираше за ПСЖ во ЛШ на овој натпревар, постигнувајќи два погодоци.

Никола Митревски и Порто се израдуваа на првата победа во Лигата на Шампионите, триумфирајќи над Мешков Брест со 27-25. Клучната разлика беше создадена во првото полувреме (12-9), по што португалскиот првак во вториот дел успеа да ја задржи предноста и да стигне до првите бодови по изненадувачкиот пораз на премиерата против Елверум.

Киелце ги искористи проблемите на Пик Сегед, кој пристигна без шестмина ракометари позитивни на коронавирус, по што полскиот првак славеше со 26-23. Канелјас постигна 11 погодоци за гостите од Унгарија, што сепак беше недоволно да се приреди изненадување на овој натпревар.

Се вчитува...