ЛУДАТА БАЈКА ДОНЕСЕ ТИТУЛА: Вардар пак ја покори Европа!

ЕКИПА во Келн,

Катерина Павлова Николовска

Вардар повторно е европски шампион. Лудата ракометна бајка која оваа  сезона ја имаше Вардар, на крајот завршува со нова европска титула. И не сакаме тука да заврши, иако овој тим ќе се растури. Македонскиот клуб повторно е на врвот на Европа, вторпат по 2017 година, откако во финалната битка на завршниот Ф4 турнир во Келн го совлада Веспрем со 27-24.

„Сиромашните“ одиграа со срце, покажаа храброст и пркос, можеби играа и од инает поради неисплатените долгови, но постигнаа нов огромен успех и уште еднаш ја израдуваа ракометна Македонија. Вардар пак владее со ракометна Европа.

Во шпанската тренерска пресметка, Роберто Гарсија Парондо го надмудри Давид Дејвис. Со цврста одбрана го исече нападот на Веспрем, а изненадувањето се викаше Рожерио Мораеш, кој од пивотменската позиција постигна шест гола.

Вардар беше во водство во текот на целиот натпревар, откако во десеттата минута, Тимур Дибиров со својот специјалитет, шут со многу ефе, донесе првпат два гола предност за Вардар. Се надоврза и Рожерио Мораеш, но и Веспрем спушти двапати на пивот кај Нилсон, за 9-7.

Мораеш и Криштопанс на истекот на 18.минута за првпат донесоа позитива од четири гола (11-7). Но, и Веспрем имаше одговор преку Момир Илиќ и Кентан Мае.

Вардар продолжи во неверојатен ритам, Карачиќ делеше асистенции, а Стоилов реализираше. Се придружи и Криштопанс за убедливи 15-10, а на крајот на првиот дел македонскиот првак имаше пет гола предност (16-11).

На стартот на вториот дел, Давид Дејвис повлече потег, на голот го постави легендарниот Арпад Штербик, а тој со две одбрани го „размрда“ Веспрем. Во 36.минута, унгарскиот тим намали на 17-15, а се разигра и Петар Ненадиќ.

Тонесен намали на само еден негатива во следниот напад, и Веспрем комплетно се врати во игра. Конечно, по десет минути пост, погоди Рожерио Мораеш (18-16).

На пет минути до крајот, Мае од седмерец погоди и намали на 24-23 и возбудата го достигна максимумот. Следеше бомба на Криштопанс, а Милосављев го сопре Благотиншек. Иван Чупиќ е предодреден за важни голови, зголеми на 26-23. На крајот, финален триумф од 27-24.

Рожерио Мораеш најдобар стрелец кај Вардар, а Кентан Мае со идентичен ефект кај Веспрем, но реализираше седмерци.

Се вчитува...