Лудата одбојкарска дружина: „Ние сме ‘багра’ кај која ништо не се знае до последно“

ЕКИПА во Љубљана, 

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Имаат срце планина, играат од мерак со нагласено патриотско чувство и ниту од далеку не го добиваат она што дефинитивно го заслужуваат. Посебно не како услови од федерацијата, која секако е неколку чекори назад зад спортскиот дел од тимот. Тие и во тоа си наоѓаат смешка и се издигнуваат над секоја ситуација, се дружат, играат оро после секоја победа и на цел глас ја пејат „Бисер Балкански“…И велат…„Ние сме ‘багра’ кај која ништо не се знае до последно“.

Можеби на некого и не му звучи најдобро, но тие самите така си се нарекуваат. Тие се луда одбојкарска дружина која покажува дека срцето македонско може да добие многу битки, иако е релативно лимитирана од многу аспекти. Другите репрезентации имаат се, фантастични услови, спортска опрема со тони, автобуси, авиони, камиони… Браќата Ѓоргиеви, Љафтов, Николов, Ангеловски…ја имаат Македонија како заеднички именител, играат од срце и токму затоа станаа миленици на јавноста.

Не знаеја како ќе одат на патувања во Европска лига, туркаа автобуси, ги бркаа од сала на две недели пред ЕП, секогаш се во неизвесност до последен момент…Така се пласираа на ЕВРО 2019 и еве и денеска ги следи истото, „баграта победничка“ ќе чека до последно, да дознае дали ќе биде дел од осминафиналето. Тоа дефинитивно го заслужи лудата одбојкарска дружина, па дури и Турција да загуби, тие уште еднаш ги освоија симпатиите на македонската спортска јавност. И не се сомневајте, дека на крајот повторно ќе се смеат и ќе уживаат во одбојката, горди што го носат националниот дрес и во Нант, меѓу 16-те најдобри селекции во Европа.

 

 

Се вчитува...