Луди сцени на УС Опен: Сабаленка мислеше дека победи па го фрли рекетот, а потоа од ложата и ги кажаа правилата… (ВИДЕО)

Кори Гоф и Арина Сабаленка ќе играат во женското финале на УС Опен, откако Американката и Белорусинката синоќа славеа во полуфиналните пресметки.

Гоф беше една од двете американски претставнички во самата завршница на турнирот. Шестата светска тенисерка финале избори откако ја победи 10-та тенисерка на светот Каролина Мухова со 6-4 и 7-5.

Многу повеќе возбудувања имаше на дуелот меѓу Медисон Кис и Арина Сабаленка. Неверојатната Кис ја разби Сабаленка со 6-0 во првиот сет, и се чинеше дека ќе има американско финале но следеше неверојатен пресврт.

Сабаленка го доби вториот сет во тај-брек со 7-6, а потоа иако Кис водеше со 4-2 во третиот сет повторно Сабаленка дојде до тај-брек каде имаше една конфузна ситуација. Сабаленка поведе со 7-3 во тај-брекот и тогаш го фрли рекетот мислејќи дека е готово. Но, на Грандслем турнирите тај-брекот во одлучувачките сетови се игра до 10. Тоа и го кажаа од нејзиниот табор од ложата и мечот продолжи. На крај Сабаленка славеше со 10-5 и се избори за свое прво финале на УС Опен.

Се вчитува...