„Лудиот“ Диего Симеоне има уште полуда замена на клупата!

Герман Бургос, 49-годишниот помошник на Диего Симеоне, повеќе од достојно го замени Аргентинецот во мадридското дерби во Супер купот.

Поранешниот голман со бирен живот по темпераментот многу е слиучен на Симеоне, а неретко и многу „полуд“ од својот шеф и добар пријател. Но, во исто време Бургос е и врвен фудбалски стручњак, голем иноватор и исклучително храбар тренер.

И додека казнетиот Симеоне лудуваше и помина десетина километри, во ложата на стадионот во Талин, долу на клупата работите ги држеше под контрола популарниот „Ел Моно“ (мајмун). Бургос го заработе овој прекар поради лудите паради во своите играчки денови кога го бранеше голот на Ривер Плата, Мајорка и на Атлетико Мадрид.

 

Сегашниот помошник на Симеоне на клупата на Атлетико Мадрид, своевремено беше познат во своите паради, по фрлањето во нозете на противничките играчи и излегувањето до половина терен, но и по изјавата „Луд сум? Па се разбира дека сум луд, голман сум!“

Соработката и пријателството на Симеоне и на Бургос трае со децении. Тие со години играа заедно во репрезентацијата на Аргентина и во Атлетико Мадрид, а кога тргнаа во тренерските води, Симеоне со себе го поведе и една година постариот пријател. Прво во Катанија, потоа во Расинг и на крај во Атлетико Мадрид каде се нераздвоен тандем подготвен на се, па и на уривање на великаните како Барселона и реал Мадрид и освојување на титули како последната во европскиот Супер куп.

Бургос има интересен и тежок животен пат. Во Европа стигна по освојувањето на титулата со Ривер Плата и преку Мајорка дојде во Атлетико и беше на голот кога Атлетико во 2001 година се бореше во втората лига и потоа се врати во Примера. Но, спортската кариера на аргентинскиот голман набрзо потоа беше нарушена од болеста. Во 2003 година на Бургос му е дијагностициран рак на белите дробови, а тој наместо да ја прекине кариерата, продолжува да тренира и спротивно на сите очекувања, ја победува болеста.

Играчката кариера ја заврши една година подоцна, но тоа не значеше и почеток на мирен живот далеку од големата сцена. Ел Моно тогаш стана пејач, а рок бендот ГАРБ го носи името според неговите инцијали – Герман Адриан Рамон Бургос. Некогашниот голман снимаше албуми и одржуваше концерти со својот рок-бенд. Но, кога му се јавил неговиот пријател Симеоне, Бургос го остава бендот и микрофонот и и се посветува на тренерската работа со целата своја страст и лудост, пожртвуван и верен.

Бургос освен по своите дуели со Мурињо додека тој беше тренер на Реал Мадрид, познат е и по својата тренеска иновативност. Тој прв од сите други во 2014 година користеше Гугл очила на натпревар и стана прв тренер што ја применил таа иновација во Примера. Помошникот на Симеоне ја користеше оваа иновација за да ги забележи статистичките податоци од натпреварот преку апликацијата „mediacoach“.

„Овие очила се многу корисни за тренерите. Гледаш баш се. Дури и она што не си го видел во живо. Врз основа на тие податоци потоа го поправам тоа што било погрешно“ – објаснува Бургос.

Ликот кој на европскиот Супер Куп изгледаше како да залутал од некаде на стадионот, всушност е тактички генијалец, лудак поголем и од Симеоне, негова десна рака и човек кој е незаменлив во Атлетико Мадрид и што успеа да го направи отсуството на Симеоне неприметно во големиот дуел.

Се вчитува...