Атлетико Мадрид и Севилја го одиграа најдобриот меч сезонава во Ла Лига откако тимот на Диего Симеоне по огромна битка славеше со 4-3, правејќи целосен пресврт во последните 30 минути откако Севилја имаше 1-3 до 62. минута од натпреварот. Ова беше петти триумф во низа за Атлетико, кој сега има три бода помалку и меч помалку во однос на лидерот Барселона, со што „црвено-белите“ дефинитивно се враќаат во игра во трката за шампионската титула.
Родриго де Пол со еврогол од дваесетина метри го отвори гол-шоуто на „Ванда Метрополитано“, но потоа следеше ладен туш за домашните навивачи – Лукебакио во 12. минута израмни на 1-1, а дваесет минути подоцна гостите поведоа преку Ромеро. Домаќинот беше на колена откако Хуанлу погоди за 1-3 во 57. минута, но тимот на Диего Симеоне уште еднаш покажа неверојатен карактер, враќајќи се кога многумина го отпишаа.
Гризман беше стрелец на голот за 2-3, а Лино постигна прекрасен погодок од над 20 метри израмнувајќи на 3-3. Атлетико тргна во целосна офанзива, што вроди со плод во судиското продолжение кога Антоан Гризман мајсторски се снајде и ја смести топката под гредата, во мрежата на гостите за конечни 4-3 и тотална еуфорија на трибините на „Ванда Метрополитано“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА