Луис Дијаз е се подалеку од Барселона

Челниците на Барселона не кријат дека сакаат да го ангажираат Луис Дијаз како главно засилување за навалната линија летово, но тоа тешко ќе им појде од рака. Ливерпул не сака да го продаде колумбискиот интернационалец, „црвените“ веќе порачаа дека во предвид доаѓа само богата понуда од најмалку 100 милиони евра, откако клубови од Саудиска Арабија покажаа интерес за одличниот крилен офанзивец.

Барселона се надева дека Дијаз ќе инсистира на останување во Европа, но дури и доколку тоа се случи, разликата меѓу понудата на Барса и побарувањата на Ливерпул се огромни. Имено, каталонците испратиле јасна порака до англискиот првак дека немаат намера да ја надминат границата од 60 милиони евра, по што добиле и експресен одговор – да не се надеваат на договор.

На „црвените“ не им се брза бидејќи Колумбиецот има уште две години од актуелниот договор. Арне Слот е голем фан на Дијаз и веќе се стартувани преговорите за нов договор, па Ливерпул може да си дозволи да почека една година пред да се доведе во ситуација „да мора да го продаде“ овој фудбалер.

Како што стојат работите, Барса ќе мора погледите да ги насочи кон останатите играчи на листата со желби на тренерот Флик и директорот Деко.

Се вчитува...