Луис Хамилтон без конкуренција во Јапонија

Луис Хамилтон потврди дека е најдобар возач во Формула 1 шампионатот во моментов, доминирајќи и на трката за ГН на Јапонија на која актуелниот шампион рутински славеше. Втора трка по ред можеше да се проследи целосна доминација на Мерцедес, па така Валтери Ботас се најде на втората позиција, додека третото место му припадна на Макс Ферстапен.

Хамилтон стартуваше на пол-позицијата, остана на чело на колоната и не дозволи во ниту еден момент победата да му биде доведена во прашање. Ботас водеше битка со Ферстапен за да остане на второто место, но ги издржа налетите на возачот на Ред бул и Финецот повторно ја заврши трката како второпласиран, зад својот тимски колега.

Себастијан Фетел ја стартуваше трката од осмата позиција, Германецот на Ферари стигна до четвртото место, но имаше судир со Ферстапен во осмиот круг, со што ги загуби шансите за висок пласман, па на крајот мораше да се задоволи само со шестото место.

Зад Ферстапен оваа трка ја завршија Рикиардо на четвртото и Раиконен на петтата позиција.

Со денешниот триумф, речиси сигурно е дека Хамилтон веќе на следната трка ќе ја осигура новата шампионска титула, со оглед на фактот дека има 67 бода предност во однос на Фетел, на три трки до крајот на сезоната.

Се вчитува...