Мајкл Карик се покажува како полн погодок на управата на Манчестер јунајтед по одлуката токму овој екс-фудбалер на „црвените ѓаволи“ да го замени Рубен Аморим на кормилото на гигантот од „Олд Трафорд“.
Јунајтед врза четири победи, и тоа во тешки дуели со ривали како Сити, Арсенал и Тотенхем, по што се искачи во зоната на табелата која значи учество во ЛШ во следната сезона. Особено импресионира стилот на игра што го преферира новиот тренер, што е чиста спротивност од тактичките замисли на неговиот претходник Рубен Аморим.
За разликата меѓу овие двајца стратези по вчерашниот триумф над Тотенхем говореше еден од најискусните во таборот на „црвените ѓаволи“, дефанзивец Лук Шо.
„Има толку многу разлики, толку многу промени, но мислам дека клучна е психологијата. Најважно за сите нас е што Карик бил во Манчестер Јунајтед, знае што значи овој клуб, но и знае како да победува натпревари со Јунајтед. Тој наоѓа начин сите да бидат среќни, да уживаат на тренинзите и на мечевите и да го дадат најдоброто од себе. Атмосферата е на највисоко ниво, сите фудбалери се пресреќни, тоа е затоа што тренерот знаеше како да ја пренесе сопствената самодоверба врз нив. Никој не е опуштен, Карик бара многу од секој од нас, но односот му е сосема поинаков, знае како да го извлече најдоброто од фудбалерите“, истакна Лук Шо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

