Лука Циндриќ – тивкото момче од Огулин стана ракометен џин

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Лука Циндриќ е играчот од кого ќе зависат многу работи во играта на македонскиот првак на овој фајналфор турнир, а хрватскиот ас останува скромен како секогаш, како и по гласните комлименти што ги доби од Љубомир Врањеш по двете извонредни партии против Фленсбург.

Мое е само да играм и да му помагам на тимот да остварува добри резултати. Секако дека комплиментите годат, особено од тренер како Врањеш, но настојувам да не летам во облаци, туку да сум фокусиран на предизвиците што се пред мене“ – скромно истакнува Циндриќ.

Пофалбите од тренерот на Фленсбург сигурно ќе бидат предупредување за Барселона, па Чави Пасквал многу сериозно ќе гледа на Хрватот како на една од главните закани кон голот на каталонскиот гигант.

Едно е сигурно, Барса имаше повеќе време да се подготви за нас отколку што тоа беше случај со Фленсбург. Не е важно дали повеќе ќе се фокусираат на мене, мислам дека генерално ќе бидат поподготвени за овој натпревар и затоа ние ќе треба да играме уште подобро. Анализата е една работа, но кога ќе излезеш на терен, тука најважна е желбата, мотивацијата… а тоа нам не ни недостига“ – со оптимизам гледа Лука кон денешното полуфинале.

fajnalfor2 cindric

Самото учество на овој фајналфор е „шлаг на тортата“ за извонредниот плејмејкер, кој дојде во Македонија во 2014 година, кога во ситуација кога Наумче Мојсовски заработи тешка повреда на коленото, Лино Червар го донесе овој млад играч на Карловац (роден во Огулин) со тешка задача – да го наследи македонскиот ас во таборот на „металурзите“. Циндриќ веднаш се наметна, покажувајќи дека станува збор за исклучителен талент, а како што минуваше времето, така и неговата форма се движеше во нагорна линија. Следеше трансфер во Вардар, каде Циндриќ го истисна својот сонародник Игор Карачиќ по минутажата на клучните натпревари на позицијата среден бек.

Секој сонува да игра на фајналфор турнирот во Келн, јас не сум исклучок, но да бидам искрен не очекував дека толку млад ќе добијам шанса да се борам за пехарот. Чувството да се биде овде е одлично, но исто така имаме и обврска сега кога сме овде во Келн, да сториме се за да стигнеме до титулата“ – вели хрватскиот репрезентативец.

Голем дел од заслугите за неверојатниот подем на формата на Циндриќ одат на адреса на тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Не можам да издвојам една работа што ми ја кажал Раул за да ми помогне, бидејќи тоа се голем број на ситници. Тој извонредно забележува детали и потоа работите на нив за да ги подобрите. Секој нов ден со Раул Гонзалес учите нешто ново, тој сигурно е една од причините за мојот развој како ракометар, воедно и еден од нашите главни адути на овој фајналфор“ – вели за крај Лука Циндриќ.

Се вчитува...