Лукајиќ: Минчев има „детски болести“ и ќе биде казнет!

ЕКИПА во Загреб, Стеван Цаневски

Жељко Лукајиќ беше задоволен од карактерот на својот тим на дуелот со Цибона, со исклучок на односот на Јордан Минчев, кој направи мал инцидент на клупата за резерви во последната четвртина.

„Јас сум тренер што бара дисциплина и тоа се однесува на сите играчи. Јордан Минчев има среќа што не е наш играч, туку што е на позајмица од Фенербахче, но во секој случај ќе најдам начин да го казнам. Не може тој затоа што е дел од Фенербахче да се однесува како да има детски болести, туку треба да е благодарен што е дел од МЗТ Скопје и што добива шанса да игра во АБА-лигата. Таков однос нема да толерирам и Минчев сигурно ќе биде казнет“ – изјави Лукајиќ.

Тренерот на МЗТ Скопје им упати и честитки на македонските ракометари за вчерашната победа.

„Тој триумф го искористив и при разговорот со екипата во пресрет на денешниот дуел. Вчера бев во салата и можам да кажам дека победата беше извонредна, поради карактерот што го покажаа македонските ракометари, почитувањето на самиот тим и контролата над топката. Честитки до нив и искрена желба да стигнат што подалеку на овој шампионат“ – порача тренерот на МЗТ.

Се вчитува...