Лукајиќ: Има многу работи како оправдание, но како да зборувате по толкава серија без победа!?

Тренерот на МЗТ Скопје, Жељко Лукајиќ сосема очекувано истакна отворено незадоволство од новиот пораз на тимот во АБА лигата, овој пат и од Игокеа пред своите навивачи.

Лукајиќ вели дека најголемиот проблем на неговата екипа е преголемиот број на изгубени топки, негативен учинок кој постојано го прават, но српскиот стратег не бара оправдување за овој пораз.

„Не знам од каде да почнам… Убаво кажа Лалиќ, немаме образ нешто да кажеме, а има многу работи кои може да ги кажете како оправдание. Но, како да кажете нешто кога имате толкава серија без победа. Тешко е да се опоравиме од оваа серија, многу ја посакувавме оваа победа. Мечот го изгубивме во оној момент кога два пати им подаривме топка на почетокот од последната четвртина, а противникот тоа го искористи. Тоа е грешка која константно ја правиме, многу лесно го губиме поседот на топката. Ни недостасува ротација на позицијата плејмејкер, тоа е јасно, но и покрај тоа мора само да работиме уште повеќе и да пробаме да ја спасиме оваа сезона. Сепак, можам да приметам напредок во одбраната, додека за успешни напади мора да ги реализираме тие лесни поени“, вели Лукајиќ.

Откако го отпуштија Никола Павличевиќ, МЗТ е хендикепиран на позицијата плејмејкер, а Лукајиќ вели дека се во потрага по нов играч кој ќе биде соодветна замена за црногорскиот кошаркар.

„Тешко е, но во овие моменти бараме нов организатор на игра. Во таа одлука не треба да брзаме, ако мене ме прашувате јас би чекал се додека не го најдеме вистинскиот играч. Подобро така отколку да донесеме засилување само за да пополниме место во ростерот“, додаде Лукајиќ.

Се вчитува...