Лукајиќ пред Цедевита: Атмосферата е драстично подобра по куп-триумфот

МЗТ Скопје по освоениот трофеј во Купот на Македонија се врти кон завршните натпревари од АБА-лигата, каде македонскиот првак цела сезона игра катастрофално и е закован на дното на табелата. Утре ривал на „металците“ ќе биде хрватскиот шампион Цедевита, дуел кој е од многу поголемо значење за гостите од Загреб, кои бркаат што подобар пласман пред стартот на плејофот. Тренерот Лукајиќ се соочува со проблеми бидејќи нема да може да смета на Бојан Трајковски, како и на плејмејкерите Крафорд и Нешовиќ, кои немаат право на настап во АБА-лигата.

„Играме против тим кој е еден од фаворитите за триумф во АБА, состав кој игра одлична кошарка и кој е квалитетно пополнет на секоја позиција со репрезентативци на Хрватска и БиХ. Наша цел е достојно да го одиграме овој последен меч пред своите навивачи во ова натпреварување и да пробаме да го изненадиме силниот ривал. Ќе биде исклучително тешко, но атмосферата во екипата е драстично подобрена по триумфот во националниот Куп па ќе пробаме таа енергија да ја пренесеме и на оваа средба. Ни се враќаат Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ со што клупата ќе стане ‘подолга“, но ќе го немаме Бојан Трајковски што сигурно ќе биде проблем во играта под кошевите. На нас е да дадеме сѐод себе, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа“, вели стратегот на „металците“.

Билетите за дуелот против шампионот на Хрватска се веќе по продажба по цена од 50 денари.

Се вчитува...