Лукајиќ си замина од МЗТ, Кочов нов тренер на шампионот!

Српскиот стратег Жељко Лукајиќ повеќе не е тренер на екипата на МЗТ Скопје Аеродром, откако денеска, поради приватни причини, реши да си замине од клубот по што беше направен спогодбен раскин на договорот.

Наследник на Србинот ќе биде неговиот досегашен прв помошник, Ѓорѓи Кочов (33 години), кој ја доби довербата од Управата на клубот и тоа не само за до крајот на сегашното првенство туку и за следната сезона. Станува збор за поранешен селектор на македонската јуниорска репрезентација, кој кон крајот на минатата година дојде од таборот на Вардар. Зад себе веќе има прволигашко искуство и тоа на клупата на црвено-црните во сезоната 2016/17. Неговото огнено крштевање како прв стратег на МЗТ Скопје Аеродром ќе се случи веќе утре и тоа на жешкото гостување кај Блокотехна (18.30 часот) во Гевгелија.

Лукајиќ во таборот на аеродромци дојде лани во декември, како наследник на Александар Тодоров, по поразот од Работнички на домашен терен. Од тогаш, искусниот српски стратег оствари скор 11-3 во домашното првенство, додека во АБА-лигата имаше учинок од 11 порази и една победа. Ќе остане запишано дека последен пат четата од Аеродром ја водел во дуел со Куманово, пред три дена на домашен терен, во кој неговиот тим дојде до триумф откако се врати по негатива од 14 поени. Србинот во ризницата трофеи го додаде и пехарот во Купот на Македонија освоен во феверуари на завршниот турнир во Кавадарци.

Се вчитува...