Луковиќ открива: Одличната полусезона во МЗТ ме донесе до Партизан, кога ќе се пензионирам се враќам на село

Поранешниот кошаркар на Куманово, Кожув и МЗТ Скопје кој доминираше во македонското првенство, Урош Луковиќ во интервју за српскиот медиум „Basketball Sphere“ говореше на повеќе теми, меѓу кои и преселбата од МЗТ Скопје во Партизан, како и тоа што ќе прави по крајот на богатата кариера.

Луковиќ во мак-баскетот за прв пат пристигна во 2011 година кога го засили Куманово, а по малата авантура во Естонија на почетокот на сезоната 2013/14 се врати во редовите на „сино-белите“ каде беше еден од лидерите во најуспешните години за клубот од северот на Македонија.

Одличните настапи му донесоа трансфер во МЗТ Скопје при вториот дел од сезоната 2015/16, а со аеродромци дебитираше и на АБА-лигашката сцена. На 12 одиграни меча постигна просек од 10.1 поен и 6.7 скока, притоа предводејќи го македонскиот шампион до победа против Партизан во СЦ „Јане Сандански“.

„По одличната полусезона во дресот на МЗТ Скопје, Џикиќ ме повика на разговор. Во јуни дојдов во клубот на еден месец, да видиме што и како ќе биде. По пробата потпишав и договор кој беше добар и за мене и за Партизан. Тоа беше фантастично искуство“, вели Луковиќ.

Центарот кариера ја продолжи во Морнар, Задар и Ловќен, а денеска брои настапи за Металац. Луковиќ открива дека по крајот на сезоната ќе замине од градот и ќе се пресели во село, што подалеку од градскиот метеж.

„Се гледам себе си во некое заборавено село. Тоа ми е планот. Само да заминам што подалеку од оваа дивина, од овие луѓе. Мака ми е од гужва, нервоза и тензија која ја носи градскиот живот“, додава Луковиќ.

Се вчитува...