Маџари ги подмири обврските кон МКФ – Вицешампионот испрати апликација за учество и до АБА 2

Кошаркарскиот вицешампион на Македонија, Маџари експресно реагираше со официјално соопштение до јавноста, откако беше објавено дека клубот нема да добие лиценца за настап во Суперлигата за сезоната 2026/2027 поради неисплатени долгови кон Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ).

Од раководството на клубот информираат дека во текот на денешниот ден во целост се подмирени сите финансиски обврски кон федерацијата. Со овој чекор, КК Маџари очекува да бидат отстранети сите пречки за добивање на потребната натпреварувачка лиценца за елитниот кошаркарски ранг. Tие дополнуваат дека е испратена и апликација за учество во АБА 2 лигата.

„Почитувани членови, поддржувачи и спортска јавност Во врска со денешната објава на КФСМ, во која КК Маџари е наведен меѓу клубовите кои, поради неплатени обврски, немаат право на лиценца за натпреварувачката сезона 2026/2027, ја информираме јавноста дека денес КК Маџари во целост ги подмири сите свои финансиски обврски.
Задоцнувањето во подмирувањето на обврските беше резултат на технички проблем со службениот e-mail на клубот, како и периодот на летни одмори, што предизвика доцнење во комуникацијата и реализацијата на плаќањата. 

Воедно, сакаме да истакнеме дека ова соопштение од КФСМ доаѓа во исклучително неблагодарен момент за нашиот клуб. Имено, токму денес очекуваме официјална информација во врска со нашата апликација за учество во АБА2 лигата, процес за кој КФСМ е целосно запознаена и информирана. 

Искрено веруваме дека времето и начинот на објавување на оваа информација не се тенденциозни и дека на сите нас, без исклучок, ни е заеднички интерес развојот и афирмацијата на македонската кошарка. Убедени сме дека секое меѓународно учество на македонски клуб претставува придобивка за македонскиот спорт и дека сите посакуваме Македонија да има уште еден достоен претставник во АБА2 лигата. 

КК Маџари и понатаму ќе работи транспарентно, одговорно и во интерес на клубот, неговите членови и македонската кошарка. Ви благодариме за довербата и поддршката!“, стои во соопштението на КК Маџари. 

Се вчитува...