Мадридската „кражба“, мотив плус за Јуве против Атлетико (видео)

Јувентус вечерва се соочува со ѓаволски тешка мисија, да слави со три гола разлика над Атлетико Мадрид за да ја надмине негативата од 2-0 од првиот меч и да се пласира во четврт-финалето од Лигата на шампионите. „Старата дама“ досега пет пати бркала негатива од 2-0 по еден натпревар во европските купови и ниту еднаш не се пласирала во следната рунда, згора на тоа Јуве на досегашните три средби против Атлетико нема постигнато ниту еден единствен погодок.

Во таборот на Јувентус не губат верба во чудо, а дополнителна мотивација им е ланската неправда токму во Мадрид, кога примија гол по 120. минута и беа елиминирани од Реал. Приказната е добро позната, стартот на Бенатија врз Лукас Васкез за кој судијата Оливер покажа на белата точка, а Џиџи Буфон за бесната реакција заработи црвен картон.

Може ли Атлетико да го плати цехот на градскиот ривал? Во таборот на Јуве веруваат дека тоа ќе е случи, впрочем во своите редови го имаат и Кристијано Роналдо, кој веќе го има елиминирано тимот на Диего Симеоне од елитното европско натпреварување.

Се вчитува...