МЗТ Скопје се пласираше во големото финале во домашниот шампионат, откако и во третиот натпревар од полуфиналната серија беше подобар од Гостивар. Бекот на „металците“ Андреј Магдевски, вели дека на почетокот малку го потцениле противникот, но сепак на крајот поголемиот ростер и квалитет го решил победникот.
„Мислам дека ги потценивме малку. Влеговме опуштено во натпреварот. Сепак на крајот квалитетот и големиот ростер го реши натпреварот како и цела серија. Кога беше најпотребно бевме најдобри и заслужено сме во финалето“, вели Магдевски.
Во финалето „металците“ ќе се сретнат со подобриот од второто полуфинале меѓу Работнички и Блокотехна, во кое најтрофејниот македонскио клуб има предност од 2-1. Магдевски вели дека не посакува некого посебно, бидејќи за да бидеш шампион мора да ги победиш сите.
„Финале е. Мислам дека ќе одлучи долгиот ростер и мотивацијата. Не посакувам никого посебно, бидејќи и Работнички и Блокотехна се одлични тимови, а за да бидеш шампион мора да ги победиш сите“, заврши Магдевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА