Андреј Магдевски потпиша со МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром доведе уште еден квалитетен домашен играч, комплетирајќи го ростерот за следната сезона. За тимот од Јане Сандански потпиша Андреј Магдевски, 22-годишниот плејмејкер кој и лани беше поврзуван со МЗТ, тогаш избра да настапува за Фени индустри и за Гостивар, за летово сепак да го прифати предизвикот да биде дел од „сино-белите“.

Магдевски иако е релативно млад, сепак, е добро познато име во македонската кошаркарска јавност и тоа како еден од нашите најголеми таленти во последните 7-8 години. Ја мина младинската школа на Реал Мадрид, потоа извесен период настапуваше за Партизан, по што се врати во Македонија, каде пред гостиварската авантура две сезони играше за Фени индустри.Од него се очекува да му биде од помош на Американецот Лестер Медфорд во организацијата на нападите на актуелниот вицешампион.

Со најновата аквизиција, тренерот Ѓорѓи Кочов, сега на располагање има десет квалитетни имиња кои рамноправно ќе конкурираат за минутажа на средбите од АБА2-лигата и двете домашни натпреварувања. Пред Магдевски, аеродромци ги ангажираа Љубомир Младеновски, Хрватот Иве Иванов како и Американците Медфорд и Џејмс Вудард, а од минатата сезона останаа Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Дарко Соколов, Андреј Маслинко и Србинот Андрија Бојиќ.

Се вчитува...