Магијата на ЛШ е и во парите: Реал најбогат, ама и Рома не е за жалење

Крајот на сезоната во фудбалската Лига на шампионите ги активираше пресметките околу заработувачката на најуспешните клубови во елитното европско клупско натпреварување. Очекувано, Реал Мадрид кој дојде до третата последовна титула, 13-та вкупно, е клубот со најголема заработувачка.

Земени се в предвид бонусите од сите рунди на натпреварувањето, наградите за победите и нерешените резултати како и исплатата од телевизиските права. За сето ова Реал Мадрид на крајот од сезонава добива нешто повеќе од 87 милиони евра. Ако за шампионот, првото место по заработка е очекувано, за изненадување може да се смета втората позиција која што ја зазеде Рома. Полуфиналистот од оваа сеозна заработи речиси 82 милиони евра. Веднаш по Рома е Јувентус со 78,5 милиони евра, а за нијанса послаб е четвртопласираниот Ливерпул.

Зад финалистот следуваат Баерн Минхен, Челси, Манчестер сити, Пари Сен Жермен, Тотенхем, а дури на десеттото место е Барселона.

Интересно е што најголема сума во распределбата на парите од телевизиски права им припаѓа на клубовите од Англија. Пет екипи од Островот делат 154 милиони евра. Италијанските екипи добиваат 111 милиони евра, шпанските 87, а француските 75, а германските 66 милиони евра.

Англиските клубови и вкупно имаат најголема заработувачка сезонава – 303 милиони евра, потоа следува Шпанија, па Италија, Германија и петорката ја заокружува Франција.

 

 

Се вчитува...