Мајсториште: Каква магија на Педри, новиот генијалец на Барса ја потопи Севилја

Триумфалната серија на Барселона во Ла Лига продолжи со уште еден дерби-триумф, овојпат на домашен терен над Севилја со 1-0. Каталонците одиграа уште еден беспрекорен меч, за ривал имаа дисциплиниран дефанзивен тим, но отпорот на гостите го скршија благодарение на Педри и неговото ремек-дело во 72. минута.

„Чудото од дете“ на Барса блесна кога беше најважно, со две извонредни финти на дваесетина метри од противничкиот гол се ослободи од чуварите, пред да ја смести топката во мрежата. Погодок каков што во своите најдобри времиња за Барса постигнуваше Лео Меси.

Барселона со овој триумф се искачи на делба на второто место на табелата со по 57 бода, заедно со Севилја и со Атлетико Мадрид, но каталонците имаат и меч помалку од овие ривали. Убедливо на врвот на табелата останува Реал Мадрид со 69 освоени бода.

Се вчитува...