Мак-баскетот бега од „изолација“: И Гостивар сака во АБА2

Македонија беше една од ретките земји што во последните години не пријавуваше ниту еден единствен тим во натпреварувањата на ФИБА, МЗТ Скопје беше осамен во АБА2, а Блокотехна во БИБЛ, но тој тренд би требало да се промени откако голем дел од прволигашите покажуваат амбиции за излез од „домашната кошаркарска изолација“. Од таборот на Работнички размислуваат за учество во ЛШ на ФИБА, Куманово искажа намера да стане дел од АБА2, а сега сериозен интерес за истото регионално натпреварување искажува и Гостивар.

Гостиварци ја завршија ланската сезона на второто место и можат да станат дел од втората лига на АБА, а во следниот период активно ќе се разговара за реализација на оваа идеја.

„Сакаме да играме во АБА2 и со тоа да направиме уште еден чекор напред во развојот на нашиот клуб. Минатата сезона направивме чекор напред на резултатски план, истата за жал не можеше да биде довршена, но сакаме да го продолжиме тој тренд и во иднина. Управата останува максимално амбициозна, а од градоначалникот добивме и ветување за средување на инфраструктурата и решавање на проблемот со салата“, велат од таборот на Гостивар.

За очекување е Марјан Србиновски да остане на чело на оваа екипа и во следната сезона. Од играчите од ланскиот ростер под договор е единствено Американецот Доналдсон, се очекува дел од нив да останат и во новата сезона, а тимот дополнително да се засили со уште неколку квалитетни домашни и странски засилувања.

Се вчитува...