Мак-дерби во СЕХА: Металург сонува за скалпот на Вардар

Денешниот ден носи и нова македонска пресметка во СЕХА-лигата, Металург со почеток во 20.15 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го пречека тимот на Вардар. Јасно е, „црвено-црните“ како бранители на трофејот се фаворити и на денешниот натпревар, но „металурзите“ се надеваат дека со добра игра би можеле да стигнат до изненадување.

Ќе играме со една од најдобрите екипи во Европа, екипа од Tоп-4. Играта ни е во нагорна линија, очекуваме дека уште ќе напредуваме. Во Нови Сад учевме боречки вештини, во Прешов малку не “зафркаваа“ судиите. Мене ме радува тоа што од првиот до последниот натпревар во оваа сезона одиме по нагорна линија. Нормално дека се појавуваат работи кои не се како што треба. Во Нови Сад не бев задоволен од голманите, бидејќи со пет одбрани не се добива натпревар, а не бев задоволен и од пристапот на некои играчи. Очекувам добра битка, не можам да кажам дека не ме интересира, јас не можам да спијам после натпревар. Поквалитетни се, ќе дадеме се од себе, очекувам добар резултат, а тоа за мене е победа и од еден разлика“ – изјави Данило Брестовац.

На спротивната страна, Роберто Парондо ги предупреди своите ракометари дека никако не смеат да си дозволат опуштање на овој дерби-дуел, без оглед на реалната разлика во квалитетот.

„Секогаш кога играме со Металург може да се случи нешто неочекувано бидејќи тоа се дерби средби. Тоа се два тима кои се големи ривали и сите знаат дека тоа е повеќе од обичен натпревар. Очекуваме добра атмосфера и верувам и гледачите ќе уживаат во мечот. Според мене најважно е Скопје да има два навистина добри клуба“ – порача стратегот на „вардарци“.

Вардар моментно се наоѓа на делба на второто место на табелата, но со триумф вечерва „црвено-црните“ би се искачиле на делба на првата позиција. Металург пак е претпоследен на табелата, со само четири освоени бода во првите девет кола од регионалното натпреварување.

Се вчитува...