Мак-фудбалот не може без „хаос“: Тасев, по жесток притисок, се откажува од трката за претседател, Собранието го одложува изборот на прв човек!?

Очигледно мак-фудбалот не може без хаос секогаш кога доаѓа на дневен ред изборот на нов претседател на ФФМ! Очигледно „партиско-политичките играрии“ и тоа како ја носат водечката улога при изборот на првиот човек на ФФМ, па на крај се завршува со траги-комедија која единствено силно остава трага на домашната фудбалска игра и на нашата слика пред УЕФА и ФИФА. Така било секогаш, и за жал очигледно така ќе биде и понатака!

По маратонските синоќешни состаноци на Комисијата за жалби при ФФМ, на која се разгледуваа жалбите на одбините кандидати Вујадин Станојковиќ, Влатко Костов и Харалампие Хаџи-Ристески, како и на УО на ФФМ, на крајот епилогот е дека единствениот официјално прифатен кандидат за претседател, Сашко Тасев, предложен од ОФС Кавадарци, се повлекува од трката за прв човек.

Според нашите информации, по жестоки притисоци, Сашко Тасев и дефинитивно утрово донел одлука да ја повлече својата кандидатура. Синоќа Тасев бил повикан во ФФМ и на „убедување за повлекување“… Токму поради тоа, не сакајќи да навлегува во „задкулисни игри сервирани од неговите противкандидати“, се одлучил да се откаже од претседателската трка. Иако за тоа се уште нема официјална потврда се очекува истото да биде соопштено во текот на денот.

Од друга страна, како што дознаваме, Комисијата за жалби при ФФМ, иако неофицијално, не ги прифатила жалбите на останатите тројца кандидати во трката за претседател поради што е и направен притисокот врз Тасев да се откаже од претседателската трка. Па, крајниот епилог, би бил откажување на точката за избор на нов претседател на ФФМ на закажаното Изборно Собрание кое треба на 1. септември да се одржи во Охрид. Наспроти тоа на престојното Собрание би се одело на промена на Статутот на ФФМ па по неколку месеци избор на нов претседател.

Но, околу сето ова, сега веќе дефинитивно се очекува реакција и на УЕФА и ФИФА кои претходно јасно потенцираа дека македонскиот фудбал не може да си дозволи одолговлекување на изборот на нов претседател. Во еден таков случај лесно би можела да следи и суспензија.

Се вчитува...