Мак-ракометот доби две места во Лигата на Европа, но за ЛШ ќе мораме да бараме вајлд-карта

Мaкедонскиот клупски ракомет се искачи на 11. место на најновата ранг-листа што денеска беше објавена од страна на ЕХФ, откако резултатите на македонските клубови придонесоа да ја прескокнеме Словенија во ова рангирање.

Најновиот пласман ќе значи и две загарантирани места во новата Лига на Европа, нешто што во моментов не е случај бидејќи сезонава ќе имаме само еден учесник во второто по ранг европско натпреварување. Со овој скок, мак-ракометот ќе има две места за сезоната 2027/28 во ЛЕ, но останува стариот проблем – немање автоматски пласман во Лигата на Шампионите.

Станува збор за проблем што мак-ракометот го има со години наназад, па така нашите прваци мораат да аплицираат за вајлд-карта за да станат дел од елитното друштво.

ЕХФ со оглед на реномето на Македонија, но и  двете европски титули на Вардар, редовно ги прифаќаше апликациите на Е. Пелистер, летово им додели „вајлд-карта“ и на „вардарци“, но останува борбата во наредниот период да влеземе во Топ 10 рангирањето на ЕХФ, што ќе значи и автоматско место во Лигата на Шампионите.

Мак-ракометот ќе има и две директни места во ЕХФ Европскиот куп, натпреварување во кое шампионскиот пехар во последните две сезони го креваат токму клубови од нашата земја, Алкалоид и Охрид.

Се вчитува...