Мак-ракометот се враќа: Супер-лигата проширена, повторно без најдобрите

По повеќе од шест месеци пауза, денеска повторно ќе стартуваат возбудувањата на домашната ракометна сцена, со одигрување на првото коло од Супер-лигата. Новата сезона носи и промена во системот на натпреварување, па Супер-лигата е зголемена на 14 екипи, кои ќе бидат поделени во две групи. И покрај најавите, во Супер-лигата на стартот од сезонава ќе ги нема Вардар и Пелистер, кои ќе се приклучат на мак-ракометот дури во плејофот, најрано во март 2021 година.

Според новиот систем на натпреварување, пласман во плејофот ќе обезбедат по трите најдобри екипи од двете суперлигашки групи. Останатите осум (по четири од секоја група) ќе играат плејаут-лига за опстанок, при што само победникот на таа лига ќе осигура опстанок, а второпласираниот ќе игра бараж со тим од Првата лига. Натпреварувањето во Супер-лигата ќе заврши до 1 ноември и ќе се играм во засилен ритам, секој петок и понеделник.

Барем на хартија, Охрид и Пролет се апсолутни фаворити за влез во Супер-лигата од групата А, но голема битка се очекува за третата позиција. Радовиш повторно состави солиден тим и ќе се бори за влез во плејофот, а за ривали ќе има три нови суперлигаши, скопскиот КЛ7 и Јуниор Кисела Вода, како и струмичкиот тим Астраион.

Металург не би требало да има никакви проблеми да го освои првото место во групата Б, со оглед на квалитетните засилувања што тимот на Зоран Кастратовиќ ги донесе во текот на летово. Бутел на хартија е фаворит за второто место, а во игра за третата позиција се Пелистер 2, тим што сериозно се засили во текот на летово, потоа Тиквеш, Работнички, Младост Богданци и Прилеп.

По пауза од неколку години средбите од домашната ракометна сцена се враќаат и на ТВ-екраните, со директни преноси на МТВ3. Денеска на програмата ќе биде дуелот од Скопје меѓу КЛ7 и Охрид, што ќе стартува во 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

ПРВО КОЛО

ГРУПА А: Јуниор КЛ – Пролет (19 часот), КЛ7 – Охрид (19 часот), Астраион – Радовиш (20.30 часот)

ГРУПА Б: Металург – Пелистер 2 (18 часот), Работнички – Бутел (19 часот), Младост – Тиквеш (20.30)

Се вчитува...